Армијата бара кандидати за воени пилоти на кои ќе им дава плата додека трае обуката

До први август е отворен конкурсот за прием на нови кадети за пилоти во воздухопловната единица на Армијата на Република Северна Македонија.

Кандидатите треба да бидат помлади од 28 години и да имаат завршено високо образование и стекнати 180 кредити.

Повикот е отворен за сите заинтересирани, а главниот дел од обуката ќе се одржува во Центарот за обука на пилоти во касарната Страшо Пинџур кој е еден од најсовремените центри за воздухопловна обука во регионот. Во центарот има и два симулатори за хеликоптери.

-Со измените на законот кој е во фаза на носење, го регулираме делот на финансискиот надоместок и на тој начин ќе имаме поголеми шанси да добиеме поквалитетни кадри, а од нив да добиеме шанса и за одлични пилоти. Кадетите кои ќе бидат избрани ќе примаат и плата за време на обуката, тоа во армијата ќе се израмни со начинот на финансирање на пилоти во МВР, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Полковникот Валентин Ивановски, раководител на воено-воздухопловниот авторитет во Министерството и проект – менаџер на Центарот истакна дека овој Центар со својата опрема и методите кои ги применува, овозможува завршените кандидати веднаш да се вклучат во воздухопловната бригада и да ги прифатат стандардите на НАТО.

Ангел Владимиров и Љубомир Панев, денес капетани во Армијата, а претходно кадети во Центарот за обука на пилоти порачаа дека овој центар овозможува обука на светско ниво, дека е потребно многу труд и енергија, но и дека чувството „секојдневно да се има различен поглед од канцеларијата“ е неописливо. Ги повикаа младите да не ја пропуштаат оваа шанса и да се пријават на отворениот Конкурс.

Досега во Центарот се обучени вкупно 24 пилоти, од кои 13 за потребите на Армијата, 9 за Министерството за внатрешни работи и 2 за потребите на црногорското воздухопловство. Капацитетот на Центарот е препознаен на глобално ниво – досега најмодерните симулатори на хеликоптерите Ми-24 и Ми – 8/17 ги користеа пилоти од Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија, а на комерцијална основа и пилоти од Полска, Нигерија и Камерун.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ