Руски пранк со Заев – специјална војна против државата или промаја во државните институции

МВР и надлежните служби добиле задолжение да ги сменат и подобрат безбедносните протоколи, но не да го изолираат премиерот од секаков контакт со државни лидери – ова се случувало на вчерашната владина седница, откако беше објавена снимка на која двајца Руси успеваат да го измамат Заев дека се украинскиот претседател Порошенко и да го испрашаат што мисли за определени регионални прашања, но и за околностите во кои се спроведува преспанскиот договор.

Експертот за безбедност на комуникации, Бојан Стоиќ во телефонски разговор за Телма изјави дека може да ја разбере желбата на премиерот да контактира со граѓани кои го знаат неговиот број, но и дека мора надлежните разузнавачки служби и протоколот да ги заштитат и комуникациите со соодветни активности. Заев денеска потврди дека на украинскиот број кој му го дале двајцата Руси им праќал и фотографии од средби со државници затоа што мислел дека е број на вистинскиот Порошенко.

-Во тоа време, јас и верував дека имам комуникација (н.з. со Порошенко). Како што добивав слики од парадата на војската на Украина, од таканаречниот и лажен претседател на Украина Порошенко, јас сум праќал слики од посетата на Меркел и слично. Не знам точно кога прекина комуникацијата. Може да видам во историја на телефоните бидејќи нели ги менуваме на определен период, рече претседателот на владата Зоран Заев.

Прашање: Тврдат дека Вие сте ги побарале лично на телефонот кој Ви го дале?

Заев: Значи во таа комуникација што сме ја имале, да можно е. Како што тие ме барале и јас да сум ги барал, верувајќи дека е претседателот Порошенко.

Прашање: Кога сфативте дека не се вистинските?

Заев: Завчера кога беа објавени.

(по одговорот се смеат и Заев и присутните новинари)

И додека Заев уште објаснува детали од тројната комуникација со руските пранкстери тие, како што се нарекуваат, Вован и Лексус,  се пофалија дека му предизвикале прес конференција на македонскиот премиер и му порачаа дека е потребен мозок, а не приказни за анти-НАТО борба. Но од владата и натаму сметаат дека хибридна војна и зашеметување на реалноста стојат зад пранкот на двајца шегобијци од Русија кои поставуваат сериозни прашања во сериозни термини пред реферндумот за името и гласањето за уставни измени.

Вицепремиерката Шекеринска вели дека тоа му се случило и на генералниот секретар на НАТО Столтенберг, па и таму немало одговорност од тие што требало да го заштитат па поради тоа не треба да има и тука.

-Овој тип на специјална војна која ги злоупотребува и граѓаните и социјалните мрежи и традиционалните медиуми се типичен модус операнди на такви операции. И можеби ние како граѓани треба да ги филтрираме тие информации затоа што ова сакаат да го постигнат. Тие сакаат ние денеска да се занимаваме со нивниот напад, а не со суштинските работи и со реформите, рече Шекеринска.

Прашање: Треба некој да преземе одговорност затоа што овозможил премиерот да дојде во таква лоша ситуација?

Шекеринска: Знаете кој презема одговорност во НАТО поради разговорот со генералниот секретар? Кој си замина од француската служба поради разговорот? Знаете кога би можеле службите да реагираат на такво нешто? Кога би го правеле тоа што го правеше Сашо Мијалков, кога би ги прислушкувале сите разговори на премиерот, па би можеле пост фестум да ги анализираат.

Шекеринска тврди дека нејзиниот шеф не издал никакви тајни ниту пак го сменил ставот за државните прашања како што го правеле претходниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ