
Заев смета дека е мета за политичка дискредитација
„Уште еден обид да се нанесе директна штета на нашите стратешки интереси за влез во НАТО“. Вака премиерот Заев ги оцени објавените телефонски разговори со руските артисти Вован и Лексус, кои се претставиле како Порошенко и Столтенберг.
Заев смета дека тој лично е мета за политичка дискредитација, но нема намера да поднесе оставка.
Заев најави подобрување на системот на комуникации и на протоколите. Уверува дека не издал ниту една државна тајна и дека ги повторува официјалните ставови на државата по одредени прашања. Објаснува дека нема протокол за снимање на телефонските комуникации со странските државници. Првиот од трите разговори со лажниот Порошенко е на фиксен телефон токму во Владата, но не ретко се разговара и преку апликации.
Премиерот тврди дека не нудел мито во Вселенската патријаршија туку е секогаш расположен за помош и донација. Потсетува дека неговото семејство изградило 14 цркви и помогнало на неколку џамии.
Во трите разговори што синоќа се појавија на јутјуб, лажниот Порошенко му вели на Заев дека тој му платил мито од 150 илјади евра на патријархот Вартоломеј и му препорачува на нашиот премиер да го направи истото. Заев вели дека нема никаков проблем. Ова е само дел од речиси едночасовната снимка објавена од двајцата руски комичари.
Соња Николовска