Полицискиот синдикат бара и права за полицајците, а не само обврски

Еден куп закони се менуваат за полициските службеници да бидат контролирани и кривично гонети од специјализирано одделение во рамки на обвинителството, реагираа денеска од Македонскиот полициски синдикат.

Велат дека немаат ништо против да се користат препораките и искуствата од европските земји за граѓанска контрола и одговорност на полицајците, но, вагата има и друг тас, а тоа се нивните права и заштитата, за кои никој не се грижи.

Најважно, велат од синдикатот, е да се воспостават стандарди за тоа, како полицискиот службеник треба да дејствува. Во спротивно, секој може слободно да си ја толкува неговата работа, па дури и да бара тој да одговара за тоа.

Од синдикатот бараат, стандардите да ги изработат работни групи во кои ќе се се вклучи и најискусниот полициски кадар. Предлагаат и обуки за примена на процедурите, а судски вештаци од областа на полициските овластувања да  даваат милсење во постапките против полицајците.

Сметаат дека, со ова ќе се намали притисокот од веќе донесените закони. Измените во Законите за полиција и за внатрешни работи, кои беа донесени деновиве, предвидуваат, по прием на кривична пријава или сознание дека полициски службеник сторил кривично дело, веднаш да се известува Специјално одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, што наскоро треба да биде формирано.

Во собраниска процедура е и механизмот за граѓанска контрола што ќе му овозможи на Народниот правобранител да може да покренува дисциплински постапки против работници во МВР.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ