
Владата остана без еден коалициски партнер
Коалициониот партнер во владата, Национална демократска преродба, замина во опозиција. Собранието ја констатираше оставката на нивниот претседател, пратеникот Весел Мемеди, кој најави и повлекување на кадрите од оваа партија од директорските места и од управните одбори. Револтирани се од смената на нивниот министер за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу. Во обраќањето пред пратениците, Мемеди обвини дека смената на Фазлиу е резултат на таен договор и евтини игри меѓу ДУИ и СДСМ.
Во времето кога беше формирана Владата на Заев, гласот на НДП во Собранието, беше клучен за да се формира новото парламентарно мнозинство. Како резултат на тоа, Мемеди беше назначен за потпретседател на Собранието, додека пак неговите сопартијци добија едно министерство и повеќе функции во третиот и четвртиот ешалон. На местото на Мемеди, во Собранието ќе седне Арта Точи, кадар на Алијанса за Албанците. СДСМ и ДУИ денеска не сакаа да ја коментираат оставката на Мемеди. Деновиве Артан Груби го повика да ја повлече оставката, велејќи дека му е понудено местото на Зоран Шапуриќ, министер без ресор, но Мемеди одби велејќи дека нема да се пазари со СДСМ за едно министерско место. Во меѓувреме, наводно на барање на ДУИ, се одложи и смената на директорите на јавните претпријатија, чии имиња се очекуваше да бидат обелоденети денеска. Премиерот потврди дека 14 одлуки се веќе донесени, се очекуваат уште десетина, но имињата не ги откри.
Во јавноста излезе информација дека, директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски, треба да биде назначен за прв човек на ЕЛЕМ, а на негово место да дојде неговиот заменик и претседател на СДСМ Битола, Златко Ќурчиевски. Промени се очекуваат и во раководствата на МЕПСО, Македонија пат како и во Агенцијата за странски инвестиции, но ништо од ова не се потврдува официјално. Сигурно е единствено тоа дека, генералниот секретар, Драги Рашковски останува на функцијата. Премиерот вели дека, ако најде вина во случајот со тендерот, нема проблем да го разреши или да го стави на друга функција, но засега не гледа нешто такво.
Далиборка Цветановска