
Командант Вентили стана вицепремиер, јавноста со бурни реакции
Министерот што не се занимаваше со граѓаните затоа што Македонија не е Швајцарија, по 17 години на власт, доби уште една функција. Покрај министер за политички систем, Садула Дураку од денеска е и вицепремиер. Владата синоќа одлучи дека, човекот кој се прослави со затворањето на вентилот за водоснабдување во липковскиот регион, за време на воениот конфликт, по што го доби и прекарот „Командант Вентили”, е најсоодветен да се грижи за спроведување на Рамковниот договор. Доаѓа на местото на Хазби Лика кој, пак, и по неколку месеци не се појавуваше на работа.
Од 2002 година, кога ДУИ победи на првите избори по конфликтот, па до денеска, Дураку никогаш не останал без владина или друга функција, односно, не останал без плата од државниот буџет.Беше заменик-директор на Царина, министер за земјоделство, градоначалник на Липково во два мандати, од каде замина за министер за екологија. Неговото двегодишно водење на ова министерство, го следеа низа скандали, поради што беше меѓу првите имиња за кои јавноста очекуваше да бидат разрешени. Но, наместо тоа, тој доби челна позиција во друго министерство, а сега е и еден од најважните луѓе во владата. Оваа одлука предизвика лавина негативни реакции на социјалните мрежи, а аналитичарите не гледаат логика во постапката на владата.
Најголемата опоизициска партија реагираше дека, премиерот наместо да мете, унапредува луѓе за кои самиот кажал дека се неуспешни. Од ДУИ, пак, го бранат назначувањето на Дураку со аргументот дека „е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ“ и дека „нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“, затоа што учествувал во неговата подготовка.
Далиборка Демјанска Цветановска