
Брисел го известил Скопје за затемнетата радарска слика – Телма со детали од владината седница за состојбата на небото
Дури 9 министри и членови на кабинетот на Заев поставувале прашања за безбедноста на авио сообраќајот откако до нив на владина седница бил доставен извештајот за инцидентот со радарот во Охрид кој се случил минатиот септември кога имало целосен прекин и затемнување на радарската слика над Македонија.
Министрите ги интересирало колку била нарушена безбедноста и кои се последиците и по авио-сообраќајот но и по угледот на државата.
Комитетот за сериозни инциденти во воздухопловството го подготвувал извештајот од септември до март, односно повеќе од половина година. При првите сомнежи за кривично дело, уште лани во декември било известено обвинителството дека непознати НН лица ја нарушиле безбедноста во воздухопловството.
Како се случил инцидентот?
Истрагата на комитетот утврдила дека на полноќ на 19-ти септември 2018-та при тест на радарскиот систем, системот крахирал и цели 32 минути немало радарска слика да се следат авионите кои биле во воздух, вршеле прелет над државата или ги користеле двата аеродрома во државата.
Контролорите откако увиделе дека има проблеми кои ја отежнале и ја прекинале директната комуникација на кулата на летање со авионите во воздух веднаш реагирале и преку радио-врска ги пренасочувале авионите од во тој момент темниот за радар простор над Македонија.
По 32 минути сликата се вратила, но поради инцидентот контролата на летање дополнително го продолжила периодот на прифаќање помал авио сообраќај над државата.
Во извештајот според информациите на Телма е наведено и дека со инцидентот е направена и финансиска штета, затоа што за авионските прелети се наплаќа определена сума за услуга која се движи и до 100 евра за најголемите авиони.
Во моментите кога се одвивал инцидентот на скопскиот аеродром имало слетувања на 9 авиони, голем дел од нив туристички чартери со туристи од Македонија.
Сето тоа им било презентирано и на министрите зад затворени врати на седница минатиот вторник. Во извештајот се наведени по име и презиме сите контролори кои биле на смена таа среда вечер (ноќта 19-ти кон 20-ти септември), исто така се наведени и имињата на луѓето кои го спроведувале тестот. Спроведувачите на тестот од Скопје заминале во Охрид каде ја тестирале радарската надградба.
Најинтересно е што надлежната М-Нав воопшто не била известена за инцидентот кој за авионите полни со патници го помрачил македонското небо. Први М-нав го известуваат наделжните од Еуроконтрол од Брисел, дури 11 часа по завршувањето на инцидентот.
Откако Брисел го известил Скопје, а не луѓето кои ја тестирале радарската надградба веднаш е свикан состанок во М-нав.
Во извештајот на М-Нав од 18.03.2019. до владата стои:
– Од страна на претседателот на УО, Николче Тасески беше свикан итен состанок на кој се утврди дека Климент Чепуњоски испратил нестручни лица без дозвола да го набљудуваат процесот на надградба на радарот.
Деталите за конкретниот инцидент, но и за другите пропусти во системот и управувањето со М-нав сепак се наведени во извештајот на комитетот за воздухопловни инциденти кој треба да биде клучна индиција во истрагата на скопското обвинителство.
Иако од владата велат дека е испратен тој извештај ниту денеска не беше стасан во обвинителството.
Миомир Серафиновиќ