Продолжи судењето за Т.Н.Т

Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Т.Н.Т“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски.

На денешното рочиште присуствуваат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, кои се обвинети за уривањето на комплексот „Космос“.

На почетокот адвокатот на одбраната Димитар Дангов побара прекин на расправата за да се прочита записникот направен врз основа на видео-снимката од минатото рочиште на 24 јануари, а кое им беше дадено на почетокот на судењето.

Одбраната побара време да ја подготвата одбраната затоа што не го добиле записникот во рок од 24 часа, како што предвидува законот. Адвокатот Дангов побара и одложување на денешното рочиште, затоа што, како што рече, не им биле дадени доказите.

Обвинителот Бурим Рустеми, рече  дека нема потреба од одложување и побара од судијата Огнен Ставрев рочиштето да продолжи.

Во случајот „Т.Н.Т“ обвинети се седум лица, меѓу кои и градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според Обвинителството, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета. Обвинетите на минатото рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Сите седуммина обвинети, на претходното рочиште се изјаснија како невини.

Апелацискиот суд на 4 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори во случајот „ТНТ“ да можат да се користат како докази во судската постапка.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ