
Колку е добра инфраструктурата во железничкиот сообраќај?
Колку е добра инфраструктурата во железничкиот сообраќај? Ова прашање повторно се отвори вчера откако се случи железничка несреќа со товарен воз.
Машиновозачите сметаат дека треба да се вложат многу пари, и да се модернизираат пругите и сигнализацијата. Некои од трасите се одамна воспоставени и потребно е тие да се реорганизираат.
Сообраќајот на пругата во кумановско, кај село Черкезе се уште е во прекин. Вчера единаесет од петнаесет вагони се излизгаа од пругата, а неофицијалната причина е погрешно товарење на лимовите кои ги носеле од Србија.
Од Македонски железници – Транспорт не сакаат да коментираат се додека трае истрагата, но за Телма накратко објаснија како се одвива товарењето на возовите и кој го контролира тоа.
Рутата на возот започнала од Смедерево во Србија, а финалната дестинација на лимовите била кај местото Криволак.
Но, вагоните се излизгаа од пругата кај селото Черкезе, а возот требаше да помине и кај селото Романовце.
Жителите на тоа населено место пред извесно време за Коха се пожалија дека стравуваат за својот живот поради возовите кои минуваат на пругата кај нив.
Товарниот воз се уште се наоѓа на пругата, а сообраќајот е во прекин. Превезувал 600 тони лим.
Петар Догов