Aпликацијата „Мој ДДВ“ е безбедна, граѓаните да не стравуваат – тврди УЈП

Колку е сигурна апликацијата Мој ДДВ од аспект дали може да се наруши безбедноста на личните податоци на граѓаните, се прашањата што се појавија во јавноста, со оглед што таа се води под името на физичко лице од компанијата кој ја развила за УЈП.

Даночните власти децидни – апликацијата е целосно безбедна, ги уверуваат граѓаните дека нивните податоци се максимално заштитени, да не стравуваат.

„Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се имејл адреса и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од било каква злоупотреба. Апликацијата МојДДВ граѓаните ја преземаат од Google play store, кој е сервис на мултинационалната компанија Google, која има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот. При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци, единствено дозвола за користење на камерата“, велат од УЈП.

Се користи, тврдат, безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП, а во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци, освен трансакциската сметка, која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа.

На вториот ден, утрото на шалтерите на УЈП повторно граѓани кои  барале помош, главно пензионери кои досега не се регистрирани на системот.

УЈП ја расчисти дилемата – без да го сторат тоа, нема да можат да ја користат мерката.

„Тие ќе мора да се регистрираат во системот е-персонален данок, ќе дојдат во УЈП со имејл адреса, ќе им отвориме профил и ќе може да ја користат оваа услуга“, вели Михајло Михаилов, раководител на Контакт центар на УЈП.

Дел од граѓаните спремни, дел се скептични, многумина уште не се информирани.

„Ќе ја користам сметката, уште не сум била, но ги собирам сметките. Но колку ќе добиеме ние со пензија“.  „Уште не сум почнала, но ќе ја користам“. „Нема да ја користам, тоа е глупост, немам ни таков паметен телефон“. „Не е практично, да се собираат сметки“.

Еднаш скенирана сметка, не може да се злоупотреби.

„Се добива извештај дека вашата фискална е регистрирана, и потоа, ако се обиде некој да ја скенира, самиот систем ја отфрла, и вели дека веќе таа сметка е скенирана“, вели Михаилов.

За критиките за Мој ДДВ дека од неа најмалку ќе добијат сиромашните, власта тврди – главна цел ни е да ја намалиме даночната евазија.

„Ова не е социјална мерка, социјалните мертки се издвоени, главна цел ни е да ја намалиме даночната евазија и така да му помогнеме и на бизнисот кој редовно ги плаќа давачките“, вели Ширет Елези, заменичка министерка за финансии.

Откако стартуваше мерката, граѓаните засилено се јавуваат на бројот на УЈП, 198 или анонимно ги пријавуваат тие што не издаваат фискални, даночните власти најавуваат – нивни екипи ќе одат на терен да проверат кои трговци и зошто не издаваат фискални.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ