Армијата се уште не си го знае новото име и ознаки

Армијата и пет месеци по промената на името на државата се уште официјално го чека своето ново име и новите ознаки. До тогаш на униформите на припадниците на Армијата како ознака на државата ќе стои „Македонија“ и како единствен знак на припадност на армијата ќе се користи кретенката од „Армија на Република Македонија“ – АРМ.

Според информации на Телма, на непроменетите ознаки, поточно на кратенката АРМ, веќе реагирала Грција на состанок на претставници на македонската армија со НАТО, минатиот месец во Брисел.

Дека Армијата се уште нема име сведочи и сајтот на Генерштабот на Армијата каде никаде не може да се прочите целосното име на Армија, поточно на чија армија е тој Генералштаб. Наместо именување на армијата на веб-страницата се користи терминот „вооружени сили“ или кратенката АРМ.

Од Генераштабот за тоа кое е новото име на Армијата, нејзиниот акроним и кои ознаките кои ќе се користат на униформите и дали има уредба за нивна промена, За Телма посочуваат дека согласно законите кои ја уредуваат одбраната, уредбите се во надлежност на претседателот на државата и на владата. Во одговорот од Генералштабот не се наведува новото име на Армијата.

„Генералштабот на Армијата, согласно обврските кои се однесуваат на донесени Уредби, отпочнува со применување и спроведување на одредбите содржани во нив веднаш по нивно стапување во сила. Во овој момент немаме официјални информации дека Уредбите кои ги наведувате се објавени во Службен весник на Република Северна Македонија“, се наведува во одговорот од ГШ.

Од Министерството за одбрана пак за Телма велат дека се работи на новите ознаки на Армијата согласно новото уставно име на државата и тоа токму според предлози дадени од Генераштабот.

„Во тек е процес на усогласување на Уредбата за униформи и на Уредбата за ознаките на Армијата на Република Северна Македонија, кои што предвидуваат усогласување со уставните измени, но и практични промени во работната и службената униформа, веќе предложени од Генералштабот на Армијата“, се наведува од Министeрството.

Од Генералштабот ни потврдија дека е започната процедура за промена на ознаките, но оти тие немаат ингеренции да даваат предлози за ознаките поврзани со името на државата и името на армијата. Објаснувањето е дека тоа е регулирано со Законите за одбрана и за служба во Армијата кои се во надлежност на Владата и Собранието. Без законски измена на името на армијата, рацете им се врзани.

Инаку во Законот за одбрана и за служба во армијата се уште се реферира на Армија на Република Македонија.

И од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој треба да ги одобри и со уредба да ги стави во сила новите ознаки, информираат дека тие се во подготовка, но до претседателот се уште не е стигнат предлогот од Одбрана и Генералштабот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ