Расте подршката, но и говорот на омраза против ЛГБТИ заедницата

Во пресрет на првата Парада на гордоста , в сабота во Скопје, постои поголема подрша, но за 3 до 4 пати е зголемен и говорот на омраза кон припадниците на ЛГБТИ заедницата, во однос на порано. На секој чекор сме напаѓани, осудувани и стигматизирани, а плаќаме данок како останатите граѓани, рекоа од Асоцијацијата ЕРА, на конференцијата за унапредување на  правата на ЛГБТИ заедницата, кај нас.

Ние како ЛГБТИ луѓе сме цело време скриени. Јас не можам мојата партнерка да ја држам за рака, како што сите хетеросексуалци можат. Вие со вашата сопруга може да одите на лекар, на Интензивна нега. Јас не можам. На секое поминување на граница, на секое одење во банка , мене цело време ме преиспитуваат за моето родово изразување и зошто не е согласно со маркицата на мојата лична карта, за пол, вели Биљана Гинова – копретседавач на Асоцијацијата на ЛГБТИ организации од Западен Балкан и Турција.

Потребна е промена во образовниот систем и вклучување на родителите на припадниците од ЛГБТИ заедницата, во процесот. А, особено треба да сте подготвени кога се соочувате со говор на омраза од верските лидери, рекоа од Советот на Европа.

Слободата на религијата не значи дека треба да ги наметнеме нашите верски верувања на другите луѓе и да провоцираме насилство. Сум видела во други земји дека верските слободи се комплексно прашање, меѓутоа не е во ред да се наметнуваат верските верувања, оценува Елени Цецеку- раковидителка на SOGI одделот во Советот на Европа.

Оваа Влада покажа дека работи во интерес на правата и слободите на сите граѓани во државата, рече министерката за труд и социјална политика. Според Царовска, покрај усвојувањето на Закон за спречување и заштита од дискриминација, ќе се формира и комисија за заштита од дискриминација. Министерството за здравство започна програма за ХИВ превенција , а на одделението за Урологија, во иднина трансродовите лица кои сакаат, ќе го менуваат полот, а не како до сега, да одат во приватни клиники, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ