Заев ќе им понуди на газдите промени за поголеми плати-за разликата да плаќаат само 10 отсто придонеси

Газдите кои на работниците ќе им ги зголемат платите, за износот на зголемувањето, ќе плаќаат придонеси од само 10 отсто од сумата што регуларно би ја платиле, што значи дека ќе бидат ослободени за 90 проценти. Ова, според информации на Телма, се дел од храбрите чекори што во економијата ги најави премиерот Заев, а со нив сака да постигне две крупни работи, прво, да се зголеми просечната плата и да се приближи до предизборното ветување од 500 евра, и второ, да се намали големата сива економија, која сега се проценува на 35 до 40 отсто.

Идејата за замрзнувањето на придонесите за сите работници, односно нивна супституција од 90 отсто, премиерот вчера ја соопшти и од собраниската говорница, реплицирајќи им на позициските пратениции.

„Голем дел од граѓаните земаат 20.000 денари нето плата и уште 6.000 или 9.000 денари добиваат во кеш. Зошто го прават тоа газдите? За да не платат придонеси. И тие си плаќаат персонален данок, си плаќаат данок на добивка и даваат кеш во плата на работниците. Во таков случај, ќе преземам чекор, ќе ги супституирам придонесите, 90 проценти, само во еден случај, да биде стабилизиран пензискиот фонд. Да ги покачиме пензиите илјада денари на пример, е таков чекор на пример треба да се преземе“, рече Заев,.

Според сознанијата на Телма, вака би изгледале математиките на власта. Ако некој работник на пример, зема плата од 20 илјади денари, и ако работодавачот му ја зголеми на 28 илјади денари, тој на тие 20 илјади денари и натаму ќе плаќа придонеси како и досега, а на 8 илјади денари ќе плати придонеси од само 10 отсто од регуларната сума.

Претпоставен пример

Пред мерката

Бруто плата = 29.425
Социјални придонеси (27,5%) = 8.092
Лично ослободување = 8.000
Данок на доход (10%) = 1.333
Нето плата = 20.000

Ефективна стапка на придонеси
пред мерката = 27,5%

После мерката

Бруто плата = 29.425
Социјални придонеси (27,5%) = 8.092
Лично ослободување = 8.000
Данок на доход (10%) = 1.333
Нето плата = 20.000

Додадена бруто плата = 10.000
Социјални придонеси (2,75%) = 275
ПДД (10%) = 973
Додадена нето плата = 8.752

Ефективна стапка на придонеси
после мерката = 21,2%

Наши извори велат дека на овој начин работодавачите ќе се поттикнат да ги зголемат платите на работниците, или ако досега дел им плаќале во кеш, тоа веќе да не се прави, туку тие пари да влезат во системот. Пензискиот фонд, тврдат, нема да биде оштетен, бидејќи придонесите кои и досега се плаќале, и натаму ќе влегуваат во него.

Дури, тврдат, пензиската каса ќе има и бенефит, бидејќи ќе ги добие и тие 10 отсто од придонесите што досега не се плаќале.

Според информациите, можно е оваа мерка да стартува уште наесен, или најдоцна од почетокот на идната година.

Но дел од експертите и со забелешки, ова велат, не е коректно кон дисциплинираните фирми.

„За да не се чувствуваат казнето оние деловни субјекти кои досега плаќале придонеси во полн износ и не вршеле никакви исплати на рака, дали за нив ќе биде намалена граничната основа за плаќање полна стапка на придонеси, а за остатокот да се плати само 10 отсто од обврската по основ на придонеси. Ако така не се постапи, повторно ќе биде мотивирана дисторзијата на системот на плаќање на социјалните придонеси“, велат експертите.

Неплаќачите, според нив, ќе добијат идна привилегирана позиција во однос на плаќачите на социјални придонеси.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ