Заев „се спаси“ од министерството за финансии и глоба од 500 евра- ВМРО-ДПМНЕ се врати на Белизе

Законска бомба со европско знаменце, членот 44 од законот за спречување на корупцијата ја спречи намерата претседателот на владата да го води и министерството за финансии.

До 19-ти јануари оваа година, Заев можел да биде и премиер и министер, но оттогаш законски се неспоиви функциите премиер и министер.

Иако владината реконструкција и операцијата метла се подготвуваа речиси два месеци, правниот тим и премиерот кои ја подготвуавле реконструкцијата на владата не ја забележале анти-корупциската забрана за две фотељи на ист човек во иста влада.

Антикорупциската комисија со допис претпладнево ги потсети пратениците дека тоа е спротивно на законот и дека тие како службени лица се должни да го спречат тоа.

“Во случај кога претседателот на владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии ќе настане повреда на цитираните членови (член 44 и 72 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси) при што Државната комисија ќе биде принудена да превземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утврдени во Законот”. – се вели во дописот на ДКСК до Собранието.

За кршење на законот е предвидена глоба до 500 евра. Заев кога ја претставуваше реконструкцијата, рече дека и поради дописот но и поради негативните реакции во јавноста за двојната функција ќе ја повлече кандидатурата и привремено ќе го полни министерското столче до избор на наследник на Драган Тевдовски.

Привременото работење како министер за финансии може да најде лабава законска подлога во членот 1 од законот за владата, иако пак во друг законот за организација на државната управа е регулирано дека само заменик министер може да го менува министерот доколку овој е спречен да си ја врши работата.

Опозицијата е на став дека Заев не може ниту да биде ниту привремено да менува министер за финансии затоа што е противзаконски и опасно. Како пример беше наведена позната централно американска дестинација каде во време на претходната власт се одлеа многу македонски капитал.

Судбината на досегашниот чувар на државната каса според Заев е решена, Тевдовски заминува, но се уште не е познато кој ќе седне во неговото жешко столче како министер, а не како привремена замена.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ