
Судбината на Иловица ќе се знае за 7 дена, граѓани ќе ги засилуваат блокадите
Министерство за економија се’ уште не го добило заклучокот од вчерашната владина седница, за да видат што конкретно се бара од нив за договорот со рудникот Иловица, но ќе го почитувале рокот од седум дена и ќе се изјаснат. Ова го соопштија денеска од министерството кое ќе мора да се произнесе околу запазувањето на правно –формалните аспекти на договорот со концесионерот на рудникот Иловица, Еуромакс рисорсис.
Од компанијата Еуромакс изјавија дека се залагаат за двете страни на концесискиот договор, за бенефит на сите засегнати со проектот Иловица – Штука, особено локалната заедница.
А жителите и активистите, се разочарани и гневни од одолговлечувањето на Владата. Најавуваат засилени блокади и поголем отпор.
Движењето против рудникот кај Иловица и Штука почна пред две ипол години. Досега се одржаа и два референдума во општините Босилово и Ново Село, на кои што над 90% од граѓаните што гласаа се изјаснија против рудникот, но немаа доволно излезност за да бидат успешни.
Сузана Мицева