Унгарија гласна во поддршка за датум за земјава, но не и за екстрадицијата на Груевски

Унгарија не и го дава Груевски на земјава, но утре ќе и даде зелено светло за НАТО. Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто кој денеска беше во земјава не штедеше зборови за поддршка на евроинтеграциите на земјава, велејќи дека минатонеделнотот недавање на датум за земјава е многу нефер.

„Можам да ви кажам дека беше многу нефер кон вашата земја. Сите беа свесни за распоредот и можам да ви кажам дека имаше доволно време за подготовка. Ги наоѓам аргументите за немање време како смешни, бидејќи вие сте кандидат за ЕУ 14 години, 14 години е доволно време. Ние поддржуваме итен старт на преговори на ЕУ со Северна Македонија. Ние сме соседи на оваа змеја и многу сме сензитивни на ова прашање“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија.

Според недавањето на датум за земјава го оцени како спротивно на интересите на Унијата и пред се на неговата земја. Сијарто меѓу другото ја најви за утре ратификацијата на Протоколот за членство на земјава во НАТО од страна на Унгарија.

Сепак на прашањата за азилот и екстрадицијата на Груевски, Сијарто стана многу воздржан во изјавите. За новото барање за екстрадиција на Груевски врз основа на обвинението против него за случувањата од крвавиот четврток, кое како што дознава Телма, денеска било доставено до Будимпешта и дали тоа може да биде основа за ревидирање на азил за Груевски, Сијарто само кратко одговори:

 „Во нашиот правен систем Владата нема ништо со ваквите барања, тоа ќе биде одлука на судот кој е целосно независен од владата“.

Сијарто рече дека нема овластување да открива какви информации му давал Груевски за земјава и регионот, како што тој самиот се пофали неодамна, а на прашањето дали со тоа Груевски станал унгарски шпион Сијарто рече дека престојот на Груевски во Унгарија е правно прашање.

И за вицепремиерот Бујар Османи прашањето на Груевски е правно прашање, кое двете земји не дозволиле да им ги оптоварува добрите политички односи.

Османи и Сијарто, како што информираа, денеска разговараа за извештајот на ЕК за земјава. Османи во контекст на Извештајот и одлуката на Европскиот совет од минатата недела нагласи дека без додавање нови услови и поставување нови репери Советот се обврзал да донесе одлука до октомври и оти очекувањата се таа да биде позитивна.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ