Гласната смеа на поротничката на судењето за испумпаните милиони од Телеком- причина за одлагање на рочиштето

Судскиот курир никако да го најде екс разузнавачот Слободан Богоевски и да го повика на ново сведочење за 15 години стариот финансиски скандал со македонски Телеком. Адресата ја смениле градските власти, објаснија денеска од СЈО, но сигурно ќе дојде. Но рочиштето на случајот Маѓар Телеком за испумпување на милиони евра од сметката на македонската компанија, не се одложи поради Богоевекси, туку откако отсутниот Атила Сендреи преку својот адвокат побара да биде иземена судија-поротник затоа што на минатото рочиште гласно се смеела.

Од домот во Унгарија, Атила Сендреи, првообвинетиот за злоупотребите со парите на Телеком бара иземање на судијата-поротник Светлана Ѓорѓиевска од процесот за испумпување на милиони евра од компанијата. Сендреи иако не беше на минатото рочиште, затоа што не доаѓа на судење и е отсутен, го овластил својот адвокат Ненад Јаниќевиќ да бара иземање на поротничката затоа што тогаш се смеела гласно и не била сконцентрирана на адвокатското излагање. Поради тоа судењето е одложено иако СЈО беше подготвено да ги изведе материјалните докази.

Одбраната пак очекуваше сведочење на екс разузнавачот Слободан Богоевски. Но тој не бил поканет затоа што како што тврдеа од СЈО адресата му била сменета од градските власти. СЈО знае дека нивниот сведок често оди во Бугарија, и очекува на 24-ти септември да се појави во суд и да каже она што го знае за парите од Телеком. Дотогаш меѓу другото истекува и мандатот на обвинителите во СЈО и доколку не биде сменет законот ќе мора повторно да ги избира Советот на обвинители. Богоевски беше планиран да сведочи пред претседателските избори, но поради оправдано отсуство предизборното сведочење беше одложено.

Во меѓувреме Апелациониот суд ја отфрли тужбата за клевета на Али Ахмети и Муса Џафери против Богоевски поради неговото сведочење за мито од Телеком, дадено пред американските истражни органи. Екс разузнавачот тврди дека за да се оневозможи либерализација на пазарот, Маѓар Телеком потплатил тројца политичари од Македонија во 2005-та. Ги спомна екс премиерот Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери- но сите тројца негираа и тврдат дека Богоевски ги клевети со невистини и измислици. Во актуелниот случај на СЈО обвинети се Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишиуш се обвинети за извлекување на околу 6 милиони евра од компанијата преку фиктивни консултантски услуги. Меѓу осомничените беше и Гркот Михалис Кефалојанис, но тој подоцна стана сведок на обвинението и е повикан да сведочи на 4-ти јули.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ