Наместо високи парични казни – малите фирми бараат опомени и обуки

Не високи парични казни кои им го рушат бизнисот, туку опомени и обуки во првите три години од работењето, бараат малите и средни фирми, со цел да знаат како да работат и да не ги прекршуваат законите. Од Организацијата на работодавачи велат дека ако сака, државата може да им помогне на овие бизниси, со олеснување на регулативата и намалување на обврските. На пример, додека нивната фирма не застане на здрави нозе, да немаат обврска да ангажираат овластен сметководител, како што е и во многу развиени европски земји. Високите глоби создаваат големи трошоци, многу фирми затвораат уште при првото казнување.

„Има закони во кои дури и самите инспектори се свесни дека малите компании не можат така да ги спроведуваат, па им гледаат низ прсти, но во законот тоа не го пишува. На пример во Законот за безбедност и здравје при работа, речиси половина од обврските инспекторите знаат дека не може да ги применуваат. Статистичките податоци покажуваат дека 19 отсто од новорегистрираните мали и средни претпријатија пропажаат уште во првата година, а 1/3 од нив не издржуваат 3 години“, вели Димитров.

Владините мерки за економски раст ги гледаат како нафрлени идеи и критериуми, но тие ќе им помогнат на брзорастечките и профитабилнио компании, а не и на микро и малите кои едвај опстојуваат.

„Според критериумите што ги видов, им се помага на брзорастечките компании, кои имаат зголемување на извозот, платите и вкупните приходи, се разбира дека сите наши компании не се такви, од микро компаниите има такви кои кубурат од ден на ден и тешко ги зголемуваат своите активности. Така што, да ги видиме конкретните закони кои треба да излезат, па тогаш да коментираме“, вели Димитров.

Вицепремиерот Анѓушев возврати – не е точно дека програмата ги форсира само брзорастечките и големите компании, напротив, целиот трет столб е насочен кон малите микро и средни бизниси. Таква е мерката која дава поддршка до 70 отсто за развој на иновативни производи, или поддршка до 30 проценти за купување на основни средства. Програмата е стимулативна и ги повикувам сите во неа да се препознаат, а државата ќе им биде партнер и ќе им помогне.

Со помош на ЕУ, Организацијата на работодавачи спроведува проект за малите бизниси од прехранбено-преработувачката индустрија, за да им помогне да го зголемат извозот и да излезат на странските пазари.

Над 80 отсто од вкупниот број фирми во земјава се мали и микро, со по 10 вработени, а учествуваат со 50 отсто од вкупниот БДП.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ