Се бараат нови оставки од функционери на власта – мета на компромитирачки снимки

Функционери на владеачката коалиција повторно на мета на компромитирачки снимени разговори. Најновата снимка која ја објави  интернет порталот Лидер ја тресе фотељата на градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш.

И порталот но и опозицијата која денеска на прес ја пушти снимката тврдат дека Дудуш е фатен како во заложништво земал вработен во општината и го тепал.

Дудуш денеска не одговараше на телефонските повици на Телма. Во изјава за Фокус го дискредитира новинарот кој ја објавил снимката за која Дудуш вели дека е монтирана политичка хајка.

“Ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени” – вели градоначалникот на општина Шуто Оризари,Курто Дудуш.

Матичната партија на Дудуш, СДСМ преку соопштение побара одговорност, но и институциите да ја истражат снимката.

МВР вели дека веќе ја истражува. Во меѓувреме и вицепремиерот Бујар Османи се соочува со прислушкуван телефонски разговор кој е дел од серијалот кој го пушта Ел Чека од Америка. И покрај тоа што не се слуша неговиот глас, за него е посочено дека е вмешан во прикривање убиец.

За експертите новите технологии овозможуваат повреда на приватноста која може да биде опасна појава без разлика дали во неа се вклучени функционери. Од друга страна пак многу вакви примери како во земјава така и во странство ги однеле во оставка.

Снимката во која беше уловен пратеникот Павле Богоевски го натера на оставка од функцијата. Деновиве активно се лиферуваат и прислушкувани разговори на функционери од ДУИ но за сега никој од нив не ги ни коментира нивните содржини.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ