
Едно лице загина а три се повредени во тешка сообраќајна несреќа кај скопската обиколница
Едно лице го загуби животот а три се повредени во тешка сообраќајна несреќа која се случи попладнево на скопската обиколница, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Меѓу повредените се и двајца полициски службеници.
МВР информираше дека несреќата се случила кога сообраќајна полициска патрола запрела возило БМВ со гостиварски регистарски таблички кое возело со брзина поголема од дозволената.
Додека полициските службеници разговарале со возачот на автомобилот, на нив налетал камион со скопски регистарски таблички. Од ударот, автомобилот БМВ се запалил и целосно изгорел, при што на лице место животот го загубил совозачот во автомобилот БМВ.
Полицијата потврди дека врз починатото лице ќе се врши обдукција, додека од возачот на камионот ќе се земат примероци од крв и урина заради испитување на присуство на алкохол или други супстанции кои би можеле да влијаат на неговата способност за управување со превозното средство.
Врз камионот ќе се врши и вонреден технички преглед со цел да се утврдат причините за несреќата.