
Кредити од 420 милиони долари од Светска банка во следните години
Заеми од 420 милиони долари ќе земе земјава од Светска банка во наредните четири години за да го забрза економскиот раст, да обезбеди конкурентност на приватниот сектор и да отвори нови работни места. Одобрувањето на овие средства е предвидено со Рамката за партнерство која светските банкари ја склучија со земјава за периодот до 2023 година. Министерот за финансии Тевдовски тврди дека овие кредити се веќе влезени во плановите за задолжување наведени во последната Фискална стратегија. Според Стратегијата, идната година јавниот долг на земјава треба да достигне 52,3 отсто, а во 2022 година, која е последна во овој документ, долгот треба да се намали на 49,1 процент. Власта уверува дека новите кредити ќе бидат со поволна камата.
Каматната стапка ќе се определчува при влечењето. Од сегашен агол би била еден процент, тоа е исклучително поволно ако се гледа каматните стапки по кои биле земени кредити во некои минати периоди. И се е вградено во фискалната стратегија, вели Драган Тевдовски.
Министерот уверува дека оваа власт успеала да го стабилизира јавниот долг во однос на претходниците.
Рамката за која денеска беше потпишан договор треба да опфати неколку проекти. Првиот од нив треба да обезбеди поддршка на производствениот сектор. Секогаш добро стоите на листите на Дуинг бизнис, велат од Светска банка, сега тоа треба да се преточи во конкретни активности што треба да ја зголемат конкурентноста на македонските фирми. Со планираните 420 милиони долари треба да се финансираат и проекти за олеснување на трговијата во регионот, за изградба на локални патишта, подобрување на условите во градинките како стартна основа за подобро образование, но и за натамошно намалување на невработеноста.
Градење на поотпорно и подобро образовано работно наеселение ќе се одрази и на пазарот на работна сила. Гледаме дека растот што го остварува Северна Македонија забрзува, гледаме дека невработеноста полека се намалува. Има засилено учество на пазарот на работна сила. Така што овој столб опфаќа инвестиции во младите и намалување на ризиците на ранливите групи, како и отворање на работни места за иднината и внесување на заинтересираните продуктивни работници во процесот, вели Сирил Милер, потпретседател на Светска банка,
Од денеска до недела, пак, земјава е домаќин на Состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка, во која членува нашата земја.
Нина Нинеска-Фиданоска