
Средбата Димитров – Коѕијас – Нимиц е вистински старт на преговорите за името
На почетокот на идната недела ќе се одржи новата рунда разговори во спорот околу името меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција со посредништво на Метју Нимиц. Се уште не е потврдена локацијата каде ќе се одржи средбата, но, како што дознава Телма, речиси е сигурно дека средбата нема да биде во Македонија или во Грција, ниту пак во некоја од соседните држави. Брисел се споменува како можна локација за новата рунда разговори.
Веднаш по неа во Софија идниот четврток и петок се одржува неформалната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ на која учествуваат и министрите од земјите–кандидати за членство. Учеството на Димитров на министерскиот состанок на ЕУ во Бугарија е потврден. Доколку и Коѕијас потврди свое учество на ГИМНИХ, се отвора простор за повторна билатерална средба меѓу Димитров и Коѕијас во рамките на состанокот.
Средбата Димиторв – Коѕијас – Нимиц, според високи владини извори всушност ќе биде вистинскиот почеток на преговорите, бидејќи на неа ќе се се влезе во суштината на преговарачкиот процес, за разлика од досега кога само се соопштувале позициите. Од таму иако изразуваат умерен оптимизам за успехот од преговорите, се надеваат дека можно е да се дојде до решение уште во март.
Во случај преговорите да заглават, високи владини извори информираат дека можно е да се вклучи, „булдожер“ од меѓународната дипломатија, по примерот дипломатите Ричард Холбрук и Карл Билт кои посредуваа за Дејтонскиот договор. За сега не се откриваат конкретни имиња кои би ја презеле таа улога.
Инаку од Грција денеска повторно стигна потврда дека Атина не се откажува од барањето за промена на македонскиот Устав. Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос изјави дека европската перпсектива на нашата земја зависи од решението на спорот за името, а кое може да биде решено само доколку не се инсистира на иредентизам. Павлопулос притоа порача дека Македонија треба да го смени својот Устав, за да може името да се реши без иредентизам.
Премиерот Заев вчера повторувајќи го ставот дека за земјава е прифатливо сложено име со географска одредница, кажа дека промената на Уставот не е опција за Македонија. Тој притоа рече дека македонската страна смета дека е можно да се постигне взаемно прифатливо решение во спорот за името, но останува на ставот дека достоинството и идентитетот се важни работи.
Тамара Грнчароска