Реконструкцијата е во надлежност на Заев

Најмногу осум министри ќе заминат од Владата или ќе сменат ресор. Четирите дами нема да бидат реконструирани.

Владеачките партии се воздржуваат од дополнителни информации и упатуваат на премиерот Заев, кој најверојатно утре ќе го поднесе предлогот со новите министри до Собранието.

Претседателот на ЛДП и актуелен пратеник, Горан Милевски, веројатно ќе биде новиот министер за локална самоуправа. Магистерот по бизнис администрација и менаџмент ниту потврдува ниту демантира, но се дознава дека треба да го замени Сухејл Фазлиу од НДП.

Насер Нуредини треба да го преземе Министерството за животна средина. По професија е банкар со меѓународно искуство, но во ДУИ очекуваат добро да се снајде и во екологијата.

Досегашниот министер Садула Дураку ќе ротира во новото Министерство за политички систем. Вицепремиерот Хазби Лика заминува не само од Секретаријатот за рамковен договор туку и од Владата.

Се очекува и Зоран Шапуриќ да замине од Владата за да преземе директорска функција.

Премиерот Заев треба да ги пополни и двете празни министерски фотелји: во култура, по оставката на Асаф Адеми и во земјоделство, откако Љупчо Николовски најави дека професионално ќе се занимава со партиски прашања. Од Алтернатива на Африм Гаши не се прецизни дали ќе го задржат ресорот култура бидејќи консултациите се уште траат и не сакаат да им наштетат.

Заев разговара и со ДПА, како што соопшти лидерот Мендух Тачи преку социјалните мрежи, без никакви други детали.

Реконструкцијата ќе биде на дневен ред во Собранието во понеделник или во вторник. За нејзино изгласување, доволни се 61 глас.

Веднаш потоа, со учество на новите министри, ќе се пристапи кон промени и во третиот ешалон, со назначување нови директори на повеќе јавни претпријатија и државни органи.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ