
Независната сцена против промената на раководството на МКЦ
Повеќе од 250 независни уметници, културни работници и организации денеска му упатија отворено писмо на премиерот Зоран Заев по повод најавените промени во управувачката структура на младинскиот културен центар.
Во писмото тие апелираат до Претседателот на владата, МКЦ Скопје да биде одминат од најавената “метла” а причината за тоа, како што велат, е едноставна: не треба да се уништува она што функционира.
“Факт е дека моменталниот ВД директор, господинот Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција” – посочуваат во писмото културните работници.
Тие подвлекуваат и дека ова писмо не треба да се сфати како негативна пропаганда кон Арбен Шаќири, за кого велат дека деновиве веќе отворено ја прославувал новата функција : директорско место во МКЦ Скопје.
“За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде” – пишуваат во писмото независните уметници и културни работници.