
Се отвора изборниот законик
Една или 120 изборни единици? Отворени листи за избор на пратеници или нешто сосема друго?
Владата денеска ги почна разговорите со меѓународните институции за измени на Изборниот законик, но со опозицијата повторно имаат спротивставени ставови.Заеднички став ќе се гради на работни средби.
ВМРО ДПМНЕ се расположени за разговор, а имаат и нова идеја, која и нивниот претседател деновиве ја промовираше на Телма.
Предлагаат мнозински модел за избор на пратеници во еден изборен круг, по примерот на САД и Велика Британија, со кој сметаат дека пратениците ќе имаат повисок личен интегритет.
Европската унија и ОБСЕ/ОДИХР, пак, предлагаат пропорционален изборен модел со отворени листи. Деновиве и помалите политички партии излегоа со истиот предлог, плус намалување на бројот на изборни единици, од причина што со постојниот модел, мака мачат да стигнат барем до една фотеља во македонскиот парламент.
Нив ги поддржа и претседателот на државата, кој смета и дека прагот на потребни гласови треба да биде минимален или воопшто да го нема.
И експертите навиваат за отворени листи и една изборна единица, со што сметаат дека ќе се ограничи моќта на големите партии, а ќе се зголеми шансата, повеќе партии да влезат во Собранието, без да мораат да коалицираат.
Далиборка Демјанска Цветановска