За државниот врв октомври е крајниот термин за датумот

Без изјави на разочараност, но со доза на незадоволство и убедување дека октомври ќе го донесе заслужениот датум за старт на преговори за земјава, државниот врв денеска речеси синхронизирано ги коментираше вчерашните заклучоци на министрите на ЕУ, кој не и даде преговори на земјава.

Премиерот Заев им порача на европските земји дека се надева оти октомври ќе биде октомври.

„Заклучокот е апсолутна гаранција која што мене ми беше неопходна, а верувам и на сите граѓани. Ако заради како што споменуваат во заклучокот, временски неопходни периоди заради доцното објавување на извештајот, дека октомври ќе биде октомври и таму стои не подоцна од октомври. Ја добивем писмената, правно-формална гаранција” – изјави Зоран Заев, претседателот на Влада.

Тој се надева тоа ќе биде потврден и од Европскиот совет. Шефот на дипломатијата Димитров пак изјави дека не може да биде задоволен од заклучоците на министерскиот совет на ЕУ, но оти земјава ќе направи се во септември и октомври на Унијата да и биде уште потешко од сега да и каже не. Димитров како и Заев очекуваат Македонија да ги почне преговори во декември оваа година. Според него доколку тоа не се случи тоа ќе значи крај за европската перспектива за целиот регион.

„Сакавме тоа да биде одлука пред одморите бидејќи секое одложување носи непредвидливости, но од наша страна нема да бидеме понеспремни во септември и во октовмри. За импресиите од заклучоците вчера не можеме да бидеме задоволни без да додје одлуката во октомври. Мислам дека нашиот успех ќе биде важен сигнал за целиот регион дека европската врата е отворена и европската визија за Западниот балкан постои, доколку такво нешто не се случи тоа ќе биде точка за таа перспектива““, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

За шефот на државата клучот за датумот е во рацете на Германија.

„Накусо кажано се чека одлуката на германскиот Бундестаг на една од двете нивни септемвриски сесии, датумите се знаат и агендата се знае и потоа би чекале формална одлука на Европската унија“- потенцираше Стево Пендаровски, претседател на државата.

Вицепремиерот за европски прашања Османи пак со став дека нема простор за емоции и фрустрации, туку за разум и свесност да се задржи енергијата за напорната работа и претстојните реформи.

Порака земјава да не биде разочарана од заклучоците на министерскиот совет стигна денеска од шефот на словачката дипломатија, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ. Мирослав Лајчак уверува дека одложувањето на датумот за земјава е од чисто технички причини и уверен е дека датумот ќе стигне во октомври. Тој иако рече дека ниту една земја на вчерашниот состанок во Луксембург не била против датум за земјава, сепак во изјавата го употреби терминот „мнозинството земји“ кои сметаат дека земјава направила одлична работа.

„Јас бев на состанокот вчера и ниту една земја-членка не кажа „не“ за Северна Македонија. Имаше земји-членки кои имаа проблем со Албанија. Има земји-членки кои велат дека не е вистинско време за проширување на Унијата и дека би било подобро да се фокусираме на Брегзит и други процеси, но преовладува мислење, мнозинството од земјите смета дека вашата земја направи одлична работа со договорот од Преспа и многу добра работа околу реформите и оти наша одговорност и наш дел од работата е да упатиме покана. Јас бев во салата вчера и очекувам тоа да се материјализира во октомври“, изјави Мирослав Лајчак, министер за надворешни работи на Словачка и претседавач со ОБСЕ.

И американската администрација е на став дека земјава заслужила датум за старт на преговори, охрабрувајќи го Унијата годинава да ги почне пристапните преговори.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ