
Вода повторно протече во депото, документите се во опасност
Во оваа соба на депото на Државниот архив беа складирани единствените документи и планови кои го преживеаа минатогодишниот пожар што целосно ги уништи бараките на градската управа за урбанизам во населбата Карпош.
Аматерското видео снимено од вработените покажува дека овој пат за малку беше избегната посериозна катастрофа бидејќи водата директно течеше низ неонските светла.
Пукнатините на подот од ден на ден се се поголеми и подлабоки. Само касите поставени во депото, кои инаку не се погодни за чувење на архивски материјал тежат над 300 тона. Материјалот во нив, најмалку тројно повеќе.
Влагата во депото е најголемата опасност за документите стари стотици години. Тие се чуваат во услови кои се далеку од стандардните и пропишаните и секој ден одлагање значи зголемување на ризикот тие да бидат неповратно оштетени. Најстариот документ во ова депо потекнува од 12 век.
Владата по два и пол месеци анализирање соопшти дека одлучила Државниот архив да се премести. Но кога и каде немаат одговор. Единствено јасно е дека нема да биде вратен во старата зграда која е наменски изградена за Архивот. Таму сега ќе биде обвинителството за организиран криминал.
Додека Владата бара решение, на вработените им останува само да се надеваат тоа да се случи што побрзо и да не заврне во меѓувреме.
Огнен Чанчаревиќ