
Мечето Теди останува во штипскиот ЗОО парк
Мечето Теди останува да живее во својот кафез во штипскиот ЗОО парк. Обидот да замине во скопската зоолошка градина или да биде пуштен во некој од резерватите во земјава пропадна.
Теди не може да се пушти во природа, бидејќи од мали нозе живее во кафез и тешко ќе се прилагоди во некој од резерватите. Но, од локалната власт ветуваат дека проблемот ќе го решаваат со изградба на ново живеалиште.
Мечето Теди е атракција за најмалите, пред неговиот дом постојано има посетители, кои гледаат како се забавува со автомобилска гума и се разладува во када, која е сместена во просторот од 15 квадрати.
Штипското комунално претпријатие „Исар“ стопанисува со ЗОО паркот, а директорот на ова претпријатие вели дека останатите животни имаат живеалишта според стандардите, за нив се грижат стручни лица,а во иднина ќе мора и да го пререгистираат.
Штипскиот ЗОО парк е отворен пред пет години, во него живеат околу 50-тина тревопасни животни и птици, а уште од самото негово отварање имаше реакции од жителите за неговата локација.
Викторија Јованова