
ДУИ предлага ветинг на идните функционери
Се дополнуваат условите за добивање државна или јавна функција. Секој иден функционер ќе треба да помине низ процесот на ветинг, доколку се прифати предлог законот што ДУИ го вети минатиот месец, а наредната недела ќе го достави до Собранието.
Ветингот подразбира проверка на претходната кариера на кандидатот за јавна функција: да се утврди неговиот интегритет, дигнитет, начинот на кој напредувал или стекнал имот, за да се утврди дали тој е достоен за функцијата или има претходни индиции за криминал и корупција. Податоците ќе се прибираат од УЈП, Атикорупциската комисија, обвинителствата, судството, финансиската полиција и од други институции. Проверките ќе ги спроведува Агенција или посебна комисија, чии членови први ќе треба да го поминат овој тест, за да имаат кредибилитет да ги тестираат другите функционери. Ова е една од дилемите што треба да се разреши во собраниската процедура, вели пратеникот Артан Груби. Другата дилема е дали треба да важи и за сегашните функционери, или за оние што ќе се назначуваат по донесувањето на законот.
Опфатот на овој посебен услов е отворен за дискусија. Во ДУИ нема дилема дека треба да се однесува на идните претседатели, министри, пратеници, градоначалници, директори, но и на вршителите на јавни функции како што се судиите и обвинителите. Преовладува мислењето дека треба да важи и за актуелните носители на функции во судството, како во Албанија.
Груби вели дека идејата за ветинг прво е применета во партиските редови на ДУИ, бидејќи за тоа не треба закон, туку само политичка волја. Прецизирањето на овој услов ќе зависи од подготвеноста и на другите партии за негово воведување.
Соња Николовска