
ЛДП трампа пратеничко за министерско место
Пратеникот и претседател на ЛДП, Горан Милевски, не ја потврдува ниту демантира веста дека ќе стане министер за локална самоуправа на местото на Сухејл Фазлиу од НДП. На нашето прашање, кусо одговори дека ЛДП очекува министерство со ресор, но дека е договорено, премиерот прв да и ги соопшти на јавноста промените во владата. Доколку Милевски влезе во извршната власт, на неговото пратеничко место во парламентот ќе седне Александра Цветкоска од СДСМ, по што либералдемократите ќе останат со еден пратеник.
Неофицијално, НДП во замена ќе го добие министерството без ресор, кое досега го водеше кадарот од редовите на ЛДП, задолжен за животна средина, Зоран Шапуриќ. Тој, пак, тврди дека ништо не е конечно и дека допрва треба да заседаваат партиските тела.
Од ДУИ потврдија дека предложиле, Садула Дураку да биде министер за политички систем во новото министерство, а на негово место да дојде банкарот Насер Нуредини. Вицепремиерот Бујар Османи, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за образование, Арбр Адеми, остануваат на своите позиции, а Хазби Лика ќе биде сменет. Деновиве Заев треба да се сретне и со Африм Гаши од „Алтернатива„, со кого досега имале само телефонска комуникација. Од СДСМ денеска не сакаа да зборуваат за претстојната реконструкција.
Реконструкцијата, според најавите, треба да опфати 8 министри, како и заменици министри, државни секретари и директори на јавни претпријатија.
Далиборка Демјанска Цветановска