
Тешки преговори во ЕУ за одлагање на датумот за преговори со земјава
Месецот кој Советот за општи работи на ЕУ ќе го стави во заклучоците поврзан со носење одлука за датумот за старт на преговори со земјава најверојатно ќе биде октомври. Според нацрт-заклучоците од вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки, но и денешните изјави на дел од министрите учесници во Советот, се поизвесно е дека Унијата на прашањето за проширувањето ќе се наврати во октомври.
Германскиот министер за Европа пред состанокот изјави дека тој се согласува со Извештајот на Европската комисија дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле условите за старт на преговори, но оти на Бундестагот немал доволно време истите да ги разгледа.
Пред една година во Луксембург им дадовме на двете земји задачи и мое мислење е дека тие ги исполнија. Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку е можно побрзо, најдоцна до октомври, изјави Михаел Рот, државен министер за Европа на Германија.
Според Рот се работи за почеток на долги и тешки преговори, но и за кредибилитетот на ЕУ.
Шефот на австриската дипломатија пак очекува јасно зелено светло од Советот на ЕУ за старт на преговорите со двете балкански држави.
Северна Македонија направи се како што треба, Албанија ја завршија својата домашна задача и ако ЕУ само ги шири рацете тоа би бил катастрофален сигнал за регионот, Александер Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.
Романскиот министер пак е на став дека се додека Македонија не е разочарана, не се ни и тие.
Се додека имаме конструктивен пристап, да не даваме нешто што нема смисол, да биде доволно блиску и да има вистински речник, не би требало да сме разочарани. Важно е да го чуваме моментумот од Преспа, изјави Георг Чамба, министер за европски прашања на Романија.
Во македонската влада очекувањата се дека датумот за преговори ќе стигне оваа есен
Очекуваме дека тоа што го изјави Меркел ќе добие одредена потврда во речникот кој ќе се употреби во самите заклучоци на Советот, веројатно и потврдени од Европскиот совет. Во септември Бундестагот веројатно ќе ја донесе одлуката за зелено светсло за пристапните преговори и потоа останува во октомври, може да биде и порано, во онаа редовна постапка останува октоври, да ја добиеме официјалната одлука за пристапните преговори, вели Драган Тилев, државен советник во Секретаријат за европски прашања.
Тилев не сака да шпекулира околу формулација која би ја употребила ЕУ за да го доложи давањето на датумот за есен, но сигурен е дека таа ќе оди на линија на признание на сите позитивни резултати што ги постигнала земјата во клучните реформски области.
Формулацијата на заклучокот околу датумот за преговори, барем според нацрт-заклучокот од вчерашниот состанок на амбасадорите, а кој денеска се најде пред министрите гласи дека „поради ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати на темата со цел да постигне суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019“.
Но и покрај тоа се очекува тешка дебата по ова прашање бидејќи поголема група земји-членки бара преговори веднаш, а на иста линија е и еврокомесарот Јоханес Хан кој вчера изјави дека не е задоволен со нацрт-заклучоците и дека треба да се убедат скептичните земјите да дозволат преговори. Проблем прави и Кипар кој се закани со вето на секоја одлука за проширување доколку ЕУ не заземе построг став кон турскотот истражување на природен гас во Медитеранот.
Тамара Грнчароска