Преспанскиот договор и покрај сите проблеми, останува позитивна приказна

Со голем оптимизам и очекувања пред една година беше потпишан Договорот од Преспа за окончување на деценискиот спор за името со Грција, а за откочување на евро-атлантските интеграции на земјава. Новиот почеток меѓу двете земји светската јавност го нарече историски. Посредникот во спорот за името Нимиц конечно можеше да ужива во заслужената пензија.

Точно една година потоа насмевките на лицата на македонскиот и на грчкиот премиер ги замени не толкава ведрина, со оглед дека Преспанскиот договор и покрај новиот позитивен момент во односите меѓу двете земји, стапи на сила со фото-финиш во гласањата во  двете Собранија, со тешки политички пазарања, пад на рејтингот на владеачките партии, но и изневерени очекувања. Се поизвесно е дека Договорот ќе го чини Ципрас губење на власта во Грција, додека Заев се обидува да го одржи во живот позитивниот момент во државава од Договорот, преку членство во НАТО, за да го ублажи политичкиот нокаут кој му го приреди ЕУ со недавање на датум за преговори овој јуни.

И покрај тоа Договорот од Преспа останува да биде позитивната приказна за европските претставници, кои истовремено се и свесни за последиците од неисполнетите очекувања по него.

„Денеска е една година од потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција и мислам дека Треба да се потсетиме на моќта на храброста и лидерството, и важните чекори кои се преземаа на Балканот. Се надевам дека земјите членки ќе се сетат и ќе оддадат признание за овие чекори, посебно во наредните денови кога важна одлука треба да се донесе за отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија, одлука што треба да се донесе во најкус можен рок“, изјави, Федерика Могерини, Висок претставник за надворешна политика на ЕУ.

И за домашните експерти Преспанскиот договор е позитивната приказна пред се поради окончувањето на спорот кој ја кочеше Македонија во НАТО и во ЕУ, но и поради тоа што во него земјата влегла, самостојно, како активен зрел субјект на меѓународната сцена.

„Од друга страна овој договор значеше и голем ризик за оние што го презедоа – тоа е тековната политичка гарнитура, со оглед на тоа што тој предизвика многу подвојувања внатрешни, особено во македонското национално ткиво и различни и легитимни размислувања дали можеше вака или онака“, смета Малинка Ристова – Јорданоска, Институт за Европска политика.

Неисполнувањето на очекувањето Договорот да доведе до побрза европска интеграција таа го лоцира во Унијата каде нема расположение за проширување. Сепак позитивен момент Ристова – Јордановска гледа во враќање на проширувањето на европската агенда. Негативните последици од одложувањето на датумот таа пак ги гледа во пренасочување на енергијата во општеството од иднината, на преиспитување дали Договорот беше добра одлука или не.

„Има негативни ефекти и ќе предивикува и понатаму негативни ефекти доколку ветувањата од ЕУ не се остваруваат“, вели Ристова – Јорданоска.

Смета дека во земјава не треба да се креираат големи очекувања во поглед на датумот и оти тој не треба да се третира како прашање на живот и смрт, туку е потребно трпение упорност, стратегија и систематична работа.

И за експертите од регионот Преспанскиот договор е историски.

„Сметам дека е силен договор и се надевам и убедена сум дека ќе ја преживее и потешкотијата од ненавременото недобивање датум“, вели Аба Чеља, Албански институт за меѓународни студии.

Таа смета дека е на ЕУ која откако го бараше овој договор за да се нормализираат односите меѓу двете земји, сега треба да испорача преговори, за да не им даде аргумент на противниците на Договорот дека тој не е позитивна работа.

Во меѓувреме Договорот од Преспа продолжува да се имплементира, комисите за историја и за трговските марки се формирани и работат, новите регистарски таблици со ознаката „НМК“ од денеска почнуваат да се издаваат, а грчката авијација ќе го штити македонското небо кога ќе влеземе во НАТО.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ