
НМК ќе почне да ги кити македонските автомобили и трактори, МК на таблиците заминува во историјата
Овој скопјанец сам си залепил НМК, но од утре новите регистрации во Македонија ќе добијат иста таква ознака. На новите регистрации им се падна да почнат да се применуваат на годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, на 17-ти јуни.
НМК е новата автомобилска ознака на државата откако во февруари беше променет Уставот и името на државата стана Република Северна Македонија.
Кодовите МК и МКД останаа за интернет сајтови, за кратенки на спортските репрезентации или за трговски брендови. Но на табличките ќе бидат заменети бидејќи најмногу туристи од државата одат на одмор во Грција и неретко имаше проблеми со нивните возила.
Правилникот за форма и изглед на сообраќајните регистрации веќе е променет и НМК ќе треба да се залепи не само на турристичките автомобили и автобуси, туку и на моторциклите, на камионите, на тракторите и мотокултиваторите кои никогаш не заминуваат од Македонија, на дипломатските возила во државата, на пробните таблички, па дури и на олдтајмер автомобилите.
Новите ознаки први ќе ги добијат автомобилите кои за првпат се регистрираат во државата или пак доколку старите таблички се оштетени или изгубени. Сите останати, според правилникот, најдоцна до февруари 2024-та ќе мора да ги сменат табличките со новите НМК. Сите оние кои пак сами ќе одлучат да ги сменат табличките може да го сторат тоа, но ќе добијат нови таблички со нов број.
Цената на услугата останува иста за нови таблици 1450 денари со нова сообраќајна книшка.
Покрај новото име, два града ќе добијат сопствени регистрации. Крушево ќе биде КС, а Демир Хисар ДХ. Градоначалникот на Крушево на својот фејсбук профил ја објави табличката за неговата општина, но на неа има државен грб наместо црвеното поле со буквите од регистрацијата на кирилица. Од МВР тврдат дека и црвениот правоаголник со кирилицата останува и нема да се менува со државниот грб.
Миомир Серафиновиќ