
Почна пробниот попис
Овој дел од општината Кисела Вода е опфатен со 180-от пописен круг. Тој е еден од 32-та круга во 13 општини во државата, во кои стартуваше пробниот попис.
Првиот ден беше посветен на теренско усогласување со подготвените мапи, а од утре, попишувачите влегуваат во домаќинствата.
Секој попишувач треба да пополни три типа прашалници: за условите на живеење во домаќинството, за типот и квалитетот на станбениот простор
и 50-тина прашања за демографските, социолошките, економските и етно-културолошките белези на населението.
Прашалниците ќе бидат електронски, а дадените информации ќе се проверуваат со претпописната база на податоци.
Прашањата и методологијата целосно се во согласност со препораките на Обединетите нации и на Еуростат, тврдат од Заводот за статистика, кој го реализира пописот.
Се попишуваат само оние што имаат државјанство, вклучувајќи ги и оние што не се во земјава. Оние што се отсутни над една година ќе се евидентираат но нема да се вклучат во вкупното население.
Иселениците може да се самопопишат во март и април наредната година,
а доколку тоа не го сторат, може да ги пријави роднина или некој близок кој располага со нивните матични броеви.
Погрешните или лажни податоци веднаш ќе бидат откриени бидејќи нема да бидат пронајдени во базата.
Пробниот попис ќе трае до 30-ти јуни. Собраните податоци ќе служат за тестирање на системот и нема да бидат објавени. Го спроведуваат вработени во Заводот за статистика, кои потоа ќе бидат инструктори за неколку илјади попишувачи во Април 2020-та.
Законот за попис се уште не е донесен, а Комисијата за европски прашања како матична, прво закажа седница па ја откажа.
Земјава нема направено попис 17 години. Во 2011-та беше организиран, но по 10 дена стопиран со оставка на целата пописна комисија.
Соња Николовска