
ВМРО ДПМНЕ бара учество во пописот
Не се одржа Комисијата за европски прашања. Нејзиниот претседател Артан Груби вели дека откажувањето на седницата нема врска со законот за попис. Но ВМРО ДПМНЕ се заканува со бојкот на пописот доколку не биде вклучена во изработката на законот. За опозицијата, доставување на предлог закон со европско знаменце во петок и закажување седница во понеделник, е шверцерски обид за скратување на дискусијата.
СДСМ го повика ВМРО ДПМНЕ на расправа и допрецизирање на законските решенија низ собраниската процедура.
Заводот за статистика, кој треба да го реализира пописот наредната година, вели законот ги поминал сите фази. Речиси цела година трае јавната расправа, во ноември бил ставен на ЕНЕР, но и по 40 дена немало никаква забелешка. Од Статистика појаснуваат дека попишаните граѓани ќе се распоредат во неколку категории, меѓу кои и оние што повеќе од една година се надвор од државата. Тие ќе имаат два месеци самите да пополнат анкетен лист или некој близок роднина да даде информации за нив.
Опасноста од двојно попошивување ќе се елиминира преку претпописна база на податоци, која е веќе изработена и на други начини во согласност со стандардите на Обединетите нации и Еуростат. Наредниве денови, Статистика ќе има средби и со парламентарните партии за да се објасни методологијата. Пробниот попис почнува в петок, а пописот планиран за април 2020-та нема да се одложи дури и ако има предвремени избори.
И на овој попис ќе има изјаснување за националната и религиската припадност, иако Статистика сугерираше таквите прашања да бидат изземени.
Соња Николовска