Тендерот распишан, за централа на сонце од еден мегават потребни се 650 илјади евра

Може ли инвестирањето во централи на сонце да биде исплатлив бизнис. Денеска е објавен првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани, на 11 парцели државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод. На компаниите што ќе сакаат да вложат ќе им требаат 650 илјади евра за централа од еден мегават, колку што е минимум за да учествуваат. По добивањето на тендерот ќе треба да потпишат и банкарска гаранција од 75 илјади евра, а за локацијата ќе платат и комунална такса од 10 илјади евра, како и приклучок на мрежата, кој ќе ги чини од 20 до 30 илјади евра.

Од власта тврдат дека паметните инвеститори можат да обезбедат пари.

„Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а остатокот да го земете како кредит. Значи секој оној што може да издвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на овој тендер, или со други зборови секој што има два стана може да ги стави под хипотека и да учествува на овој тендер, ако е доволно храбар и знае што прави“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Нема, вели, скриени трошоци, а постапката е транспарентна. Фирмите за да влезат во трката треба да имаат бонитет, позитивен биланс и да не се осудувани. Најмногу шанси да добијат ќе имаат оние кои ќе бараат минимален премиум, односно најмали субвенции од државата. Таа ќе им ги заврши сите административни работи и земјиштето ќе им го пренамени во градежно, а тие ќе треба да направат основен проект и еколошки елаборат.

Но бзинисмените што дојдоа на расправата имаа и забелешки, реагираат на скапиот приклучок за струја.

„Мислам дека цената е доста висока, цената не е за занемарување. За 25 мегавати по просечна цена од 25 илјади евра, тоа е 750 илјади евра за 25 мегавати, тоа е висока цена за приклучок“, вели Љубен Паунов, заинтересиран стопанственик.

„Првичната цена на ЕВН беше многу повисока. Мислам дека не зборувате точно, бидејќи јас сум правел приклучок за хидроелектрани за 7 мегавати сум плаќал по 700 илјади евра, тоа сите го знаат“, вели Анѓушев.

Може да се конкурира за површини од 10, два и еден мегават, а оние што ќе бараат големи парцели нема да се смеат да се јавуваат и за малите, за помалите фирми да не се дискриминираат. Компаниите ќе мора да се пријават до 21 август, а понудите ќе се отвораат јавно. Со овој тендер, од централите на државното земјиште треба да се обезбеди струја од 35 мегавати. Набргу ќе се објави тендерот за електрани и на приватно земјиште, што треба да донесе моќност од 27 мегавати. Државата планира локации за вкупно 200 мегавати, а за тоа за субвенции ќе се трошат не повеќе од 4 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ