
Прво да порасне продуктивноста, па ќе ги зголемиме и платите, вели бизнисот
Прво да порасне продуктивноста, па потоа ќе ги зголемиме платите на работниците. Порастот на бруто домашниот производ нема веднаш да ги покачи и примањата. Бизнисот воздржан по апелите на премиерот Заев да го одврзат ќесето и да дадат повисоки плати, а тоа можат да си го дозволат бидејќи економијата испорача добри резултати во првиот квартал.
„Мојот коментар на ова е дека прво мора да ја зголемиме продуктивноста, а потоа ќе ги зголемиме и платите, и тоа е вистинскиот начин на кој ова треба да се направи. Продуктивноста се зголемува од ден на ден и треба да сфатиме во нашите глави дека ако напорно работиме, ќе добиеме и повеќе“, вели Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
Советот на странски инвеститори и Стопанската комора набргу на власта ќе и предложат нивни мерки како платите да растат дологорочно, а не ад хок, за фирмите да можат да ги планираат во своите буџети.
„Интензивно работиме на предлог мерки кои ќе дојдат од комората до нашите партнери, претставниците на власта, за да се најде начин процесот на зголемување на платите да биде континуиран. Но, она што треба да внимаваме е дека зголемувањето на платите треба да биде најавено оваа за наредната година, за да може да ги вклучиме во буџетите на компаниите“, вели Ирена Јакимовска, потпретседател на Совет на странски инвеститори.
Стопанствениците велат дека се грижат за своите вработени и сакаат да им дадат поголеми плати, но тоа може да им ги зголеми трошоците и така да станат неконкурентни.
„Ставот на работодавачите е дека треба да го зголемиме животниот стандард на вработените дефинитивно, по различни основи, заради зголемување на продуктивноста, квалитетот на работата и пред се животот во општеството. Меѓутоа, секогаш треба да внимаваме да не ја нарушимње конкурентската позиција на компаниите, особено извозно ориентираните, кои се борат со прилично голема конкуренција“, вели Јакимовска.
Статистика измери дека во првите три месеци од годинава домашната економија пораснала за 4,1 отсто, и се отвориле 17.600 нови работни места, што според владините фуккционери, е резултат на добрите политики што ги водат, како и на финансиската поддршка што им се дава на компаниите.
Нина Нинеска-Фиданоска