Поплавениот Државен архив ќе се сели, но Владата не знае кога и каде

Државниот архив ќе се дислоцира, но кога и каде засега не се знае. Ова е ставот на Владата која по два и пол месеци анализирање заклучила дека Архивот не треба да биде сместен во заградата која прокиснува при секој дожд.

Владиниот портпарол уверува дека архивскиот материјал е безбеден и складиран во депото кое се наоѓа во стариот објект на Архивот, зад кривичниот суд.

Но, што со документите во депото кои се во зградата каде сега се наоѓа Архивот?

Во ова депо има стотици илјади документи, голем дел со непроценливо значење. Најстариот документ е од 12 век, Евангелието на Свети Апостол Лука пронајдено во приватниот фонд на Робеви.

Условите во кои се чуваат овие документи се далеку од стандардните. Температура меѓу 15 и 20 степени и влажност од 50 до 60 проценти во оваа просторија никогаш нема. Касите во кои се чуваат документите се набавени од СОЗР и не се наменети за чување на архивска граѓа.

Ова депо можеби е единствено на светот низ кое минуваат цевки за водовод и канализација и се инсталирани хидранти под притисок.

Со преселбата на Архивот престана конзервацијата на документите бидејќи двете простории кои се наменети како лаборатории се неупотребливи, а најмодерен апарат кој го користат вработените е пегла.

На ова треба да се додаде и дека материјалите се транспортираат од едно депо во друго со еден службен автомобил стар преку триесетина години. Затоа збунува уверувањето на Владата дека документите се безбедни и под клуч.

Државниот архив беше сместен во зграда изградена 1969 година исклучиво за таа намена. Во 2013 година Владата одлучи тој да биде преселен и сместен во рамките на  Археолошкиот музеј. Овој објект сега се реновира за потребите на Обвинителството кое ќе биде сместено таму.

Од Владата соопштија дека Архивот веќе никогаш нема да се врати тука.

Ако на ова се додаде и најавата дека решението нема да предизвика дополнителен терет на Буџетот нејасно е каде овој пат ќе се дислоцира Државниот Архив, а притоа ќе се запазат сите стандарди потребни за непречено функционирање на Архивот.

Според истражувањето на тимот од БИРН, изградбата на објектот во кој што сега е сместен Државниот архив, еден од најпрепознатливите од прокетот „Скопје 2014“, траеше повеќе од четири години и чинеше 42 милиони евра.  Автор на идејното решение е архитектот Слободан Живковски. Во објектот кој прокиснува при најмал дожд се сместени и Уставниот суд и Археолошкиот музеј. Инвеститори беа СОЗР, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. Автор е „Етапа Проект“ а изведувачи се Бетон Штип, Гранит Скопје и Градежен институт Македонија.

Одговорност за сите пропусти при градбата досега никој не побарал.

Додека Владата го бара идеалното и најефтиното решение за дислокација на Државниот Архив на вработените им остануваат кофите и метлите за да ги заштитат документите и да се надеваат дека дотогаш нема да заврне.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ