Општините ќе добијат 37,5 милиони евра државни пари за селата да немаат кал, со раздолжувањето уште тешко им оди

Општините ќе добијат 37,5 милиони евра од државниот буџет за да обезбедат поквалитетен живот во селата и да ги направат достојни за живот на граѓаните. Денеска 17 градоначалници добија решенија за поддршка на руралниот развој, но откако ќе ги склучат договорите кон крајот на годинава првично преку Платежната агенција, ќе земат по само 20 отсто од парите како аванс, а другите дури откако ќе ги завршат проектите по три години.

„Ако сакаме да имаме добра држава, треба условите на граѓаните во селата да ги направиме барем приближно еднакви како во градовите“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Опфатени се сите општини преку 202 проектки, а целта е Македонија да се направи земја без кал. Треба да изградат или подобрат патишта за поврзување на селата, улици, зелени површини, излетнички места, велосипедски патеки и канализациони системи.

„Ние сами тешко ќе дојдевме до овие средства за капитални проекти“, вели Перо Костадинов, градоначалник на Валандово.

Но општините и натаму мака мачат со големите долгови, иако лани добија од државата 50 милиони евра за таа цел. Делумно, велат, се раздолжиле, но имаат уште многу за враќање.

Еден од должничките рекордери, Охрид должел 26 милиони евра, од Владата добил 8, дел од обврските ќе се платат со спогодби, а општината и натаму должи уште 8 милиони евра. За да ги врати ќе бара поволен кредит. Сега, велат, тековните обврски редовно ги измируваат.

„Тоа ќе се менаџира преку барање поволна кредитна линија преку Министерството за финансии, но со пониски камати и ануитет што можеме да го издржиме“, вели Константин Георгиевски, градоначалник на Охрид.

„Со новите закони ние општините сега нема да може да трупаме долгови“, вели Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

Власта вели, со овој проект не им го зголемуваме должничкиот товар.

„Целта на Владата не е со овој проект уште повеќе да ги задолжиме општините“, вели Николче Бабовски, директор на Платежна агенција.

Спортед вицепремиерот Анѓушев, долговите на општините не се зголемуваат, туку или се отплаќаат, или во најмала рака стагнираат. Дали ќе има нови средства за нив за отплата на долговите, ќе зависи од тоа дали ова ќе се одобри со ребалансот на буџетот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ