
Доверителите одлучија Фени да се реорганизира
Собранието на доверители на Фени одлучи стечајот на комбинатот да се спасува со план за реорганизација. Го задолжија стечајниот управник Мирослав Анастасиевски од една и банките доверители од друга страна, најдоцна за 45 дена да направат план како Фени да продолжи со работа. Кој план ќе биде прифатен ќе зависи од собранието на доверители. Финансиските уизвештаи на Фени од 2012 до 2017 година покажуваат негативен тренд, но фабриката може да продолжи со работа, рече Анастасиевски
„Друштвото е неликвидно, бележи пад на приходите и загуби уште од 2013 година. Финансиските показатели имаат негативен тренд и со соодветна стручна метода утврдив дека Фени требало да банкротира уште во 2014 -2015 година“, кажа стечајниот управник Мирослав Анастасиевски.
Одлуката за рестартирање на производството, според синдикатот на вработените значи реален почеток на стечајната постапка, по сите досегашни административни попречувања.
„Се оди во насока на забрзување и трајно решавање на статусот на Фени како стечаен должник. Договореното мислиме дека ќе се испочитува, сите вработени во надеж дека договорите ќе се испочитуваат, а вработените ќе останат на работните места со истите плати“, кажа Пеце Ристевски од СИЕР.
Планот за реорганизација треба да ги прецизира чекорите како фабриката ќе продолжи со работа, колку од средствата ќе се инвестираат, колкав дел од долговите ќе се враќаат и во кој рок и колку од вработените ќе бидат ангажирани.
Комбинатот Фени во меѓувреме е дадена под закуп на швајцарскиот фонд Фос Асет Менаџцмент за 1, 2 милиони евра месечно. Од 161,3 милиони евра кои ги побарувале 1017 доверители на Фени, стечајниот управник оспорил 93, 8 милиони евра, а прифатил 67,5 милиони евра.
Приговор поднеле 33 доверители, но тоа не се очекува значително да влијае на вкупниот долг на Фени.
Виолета З Стојановска