Јавна расправа за изградба на марина во Охрид

Многу пловни објекти, а малку простор и услови за нивно паркирање, сервис и безбедно точење гориво. Долги години се зборува за потребата од изградба на соодветна марина на Охридското Езеро, но време е за конкретна акција на сите општествени чинители за решавање на ова инфраструктурно прашање од исклучитечна важност не само за водниот сообраќај, туку и за развој на туризмот и заштита на животната средина, укажуваат од Капетанијата на пристаништата.

Љубителите на едиличарството, кое е симбол на Охрид побараа градот да се откаже од проектот за реконструкција на кејот, а парите да ги насочи кон поддршка на еколошките пловила и изградба на потребната инфраструктура и марина на Охридското Езеро кај Студенчишко блато.

Стручните лица од Хидробиолошкиот завод и екологистите, пак, остро се спротиставуваат на идејата за изградба на марина во каналот Студенчишта, бидејќи ќе го загрози еко системот и живиот свет во него, но и поради неповолната конфигурација на теренот.

Според нив марината треба да биде лоцирана на просторот помеѓу населбите Воска и Далјан.

Јавната расправа   за изградба на марина доаѓа во време кога Охрид се бори да го задржи статусот на заштитено природно и културно наследство од УНЕСКО. Градоначалникот Георгиески, смета дека сегогаш е време да се разговара за решенија за проблемите на Охридското Езеро, вклучително и за марината.

На јавната расправа присуствуваа и претставници на владата кои најавија поддршка за проектот за изградба на марина на Охридското Езеро и подобрување на инфраструктурата на Охридското Езеро, појаснувајќи дека конечното  решение ќе биде производ на сеопфатна стручна расправа и врз основа на издржана физибилити студија која внимателно ќе се подготвува во идниот период.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ