Советот за етика во медиумите ја отфрли жалбата на наставничката Надица Мицкоска

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, ја отфрли жалбата на наставничката Надица Мицкоска, која беше предмет на прилогот на нашиот репортер Сотир Трајков, насловен„ Наставничка оставала третоодделенци сами без надзор ?“, објавен на Тв Телма, на 05. април , годинава. Во писмената одлука на Комисијата, се вели дека на седницата одржана на 29 мај 2019, примената жалба од наставничката Мицкоска, од ОУ „ Димитар Миладинов“, е отфрлена како неосновата зашто во тв прилогот не се прекршени професионалните и етичките стандарди.

Членовите на Комисијата, најнапред се согласија дека прилогот произлегува од јавниот интерес дека институцијата училиште, е легитимна новинарска цел и мора да подлежи на јавен надзор. Текстот на Тв Телма е професионален, етички и употребени се неколку извори ( допис на група родители и информации од Државниот просветен инспекторат и Општина Центар), а со тоа се согледани повеќе значајни аспекти за темата. Сепак , новинарот не успеал да обезбеди целосно објективна информација и до крај да ја лоцира одговорноста, со оглед на тоа дека побарал, но не успеал да обезбеди став и од наставничката, која е предмет на критика и обвинување од страна на група родители. И покрај тоа, Комисијата го зеде предвид и позитивно го оцени обидот да се обезбеди втора страна, што и самиот новинар го потенцира во својот прилог, стои во одлуката од Комисијата за жалби при СЕММ. Во однос на тврдењето на подносителката на жалбата дека до Тв Телма испратила демант, Комисијата не успеа да утврди дали тоа навистина се случило. И покрај нашето инсистирање во два наврати да добиеме официјален доказ дека наставничката Мицкоска упатила демант, таа не одговори на барањата. И од Тв Телма , во одговорот посочија дека до нив не било стигнато барање за објавување демант, дополнуваат во одлуката од Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.

Тв Телма ја објавува одлуката на Комисијата, согласно членот 18 од нејзиниот Деловник за работа.

Во прилогот „ Наставничка оставала третоодделенци сами без надзор? “, родетели на учениците од 3-Б одделение , од ОУ „ Димитар Миладинов’“, во писмена форма реагираа дека наставничката Надица Мицкоска, во два наврати ги оставала третоодделенците сами за време на училишниот одмор и одела дома за да си го види бебето. Покрај Тв Телма, родителите писмено ги известија и Управниот одбор на училиштето, Народниот правобранител, Првата детска амбасада, Државниот просветен инспекторат и Општина Центар.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ