Македонските и бугарските историчари на состанок во Скопје – овој пат фокусот е на антиката

Антиката и начинот на кој таа е прикажана во учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во Северна Македонија ќе бидат во фокусот на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, кој денеска и утре се одржува во Скопје.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото.  Претходниот состанок се одржа во Софија, а денеска и утре членовите на оваа мешовита комисија ќе се обидат да ги усогласат ставовите за античкиот период и како тој дел од историјата во учебниците да биде прикажан на начин кој нема да биде навредлив за никого.

Двете страни веќе имаат разменето забелешки не само за антиката, но и за праисторијата и средниот век. Како проблематично и за едната и за другата страна е картографското претставување на одредени територии во праисторијата, во антиката и средниот век. Освен за учебниците, Комисијата ги разгледува и прашањата за заеднички чествувања.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ