Само со драконски казни ќе се спречи говорот на омраза

Илјадници дојдоа достоинствено да ги пречекаат и да го слават успехот на новите европските шампиони, но повторно, како и претходниот ден, радоста ја поматија поединци и групи кои настанот го искористија да скандираат и да пеат песни со вулгарни, националистички и шовинистички содржини. Најголемиот дел од граѓаните не наседнаа на провокациите, но имаше и такви што ги понесе моментот – епилог – заматена радост на искрените навивачи и лоша слика за општеството. Социјалните мрежи вријат од реакции на осуда.

Ние не успеавме да излеземе од таа матрица на етноцентризам и национализам, вели професорката Татјана Стојаноска Иванова. Наместо на настан што не направил сите среќни да преовладуваат позитивни емоции и да се искористи за сплотеност и интеграција, повторно сме сведоци на негативни изблици. Главната причина е што со години наназад не ги санкциониравме овие појави.

„Истражувањата покажуваат дека оние што се предизвикувачи, иницијатори, што ја палат таа иницијална каписла, тоа се мал број луѓе на дел од навивачките групи, не можете таму да ги сврстите сите, напротив, има таму луѓе што искрено го сакаат спортот и се вистински љубители, но во некој момент и нив ќе ги понмесе толпата, тоа е таа психологија на толпата, тие никогаш не би го правеле тоа во нормална ситуација“, вели Татјана Стојаноска Иванова, универзитетска професорка.

Завчерашната вечер кога се прославуваше победата помина и со повредени, приведени, и демолирани автомобили, регистрирани и во билтенот на МВР. Вчерашната ноќ, пак, велат од Полицијата, немало физички инциденти и на Плоштадот било мирно, бил каменуван само еден автобус во Автокоманда, но нема докази дека тоа е поврзано со прославата.

Но многу повеќе боли говорот на омразата. Тоа го прават личности кои се инструирани и дел од одредени политички структури, чија основна цел е токму таа, да се стави црна дамка на славеничкиот амбиент по еден таков голем успех многу значаен за земјава. За жал, таа слика преку медиумите се гледа и во странските држави. И до Хелсиншкиот комитет стигнале голем број пријави, а од таму остро го осудија поттикнувањето на меѓуетничка нетрпеливост.

Пред неколку години биле законски зголемени казните за сејачите на говор на омраза, се движат меѓу 500 до илјада евра. Но дали се доволни и колку се применуваат во пракса, не е познато. Експертите сугерираат уште повисоки санкции.

„Колку и да звучи грубо, но еднаш засекогаш треба да се санкционира, и тоа со драконски казни. Во Англија, ако навивачот направи вербално насилство, веднаш има соодветна казна, а да не зборувам за физичко. Прво казна, на само лице место ви доаѓа кривичар и ве осудува, значи нема што одење по судови, влчечење, па повикување на партиска позадина. Не. Значи прво промена на законската регулатива во поглед на казнивоста“, вели Стојаноска.

Правниците и социолозите се подготвени да помогнат за нови законски решенија, целта е овие дела да не се повторуваат.

„Па оној кој пее националистички песни со вулгарна содржиба ќе си биде казнет, но соодветно на она што го направил, бидејќи, вие да посакате смрт на припадник на друга етничка заедница, кој е ваш сосед, колега, за мене тоа е монструозно, и не доликува на некој што е морално и вредносно изграден“, вели Стојаноска.

Од МВР велат дека заедно со Обвинителството ќе се преземат мерки за последните случувања.

„Во координација со Основното јавно обвинителство работиме на санкционирање на ваквите случаи на ширење на говор на омраза“, велат од МВР.

Професорката укажува дека некогаш и самите носители на спортските функции кои се модел на идентификација на граѓаните, можат да го поттикнат тоа однесување. Затоа мора постојано да се работи и внатре во спортските клубови, со спортистите, тренерите, со навивачките групи, што во комбинација со повисоките казни, ќе доведе до превенција на насилството и говорот на омраза.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ