
Политиката “става рака“ и врз младинското организирање
Законот за младинско учество и организирање нема да ја стопира миграцијата на младите, но властите слушајќи го нивниот глас и идеите можат да креираат мерки кои на подолг рок би го намалиле иселувањето. Ова е шанса за младите, кои се креативни и енергични, а не за оние кои се партиски инструменти. Пратеничката Ивана Туфегџиќ, која беше дел од студентските протести вели дека младите седејќи на иста маса со градоначалниците,премиерот и министрите ќе можат да ги презентираат своите идеи и да креираат младински политики.
Пред една година на младинската конференција, младите од Малешевско-пијанечкиот регион порачаа дека нивните врсници во поголемите градови се поактивни, пасивноста на оваа популација во помалите градски и рурални средини се должи на немање на младински организации. Со новиот закон секоја општина ќе мора да формира Совет на млади. Пред десет години Штип го доби првиот Совет на млади со помош на невладината „Сега“. Битката во моментов е како да се тргнат рацете на локалните политичари во земјава од ова тело.
Коментарите на младите ја отсликуваат состојбата во земјава, нивната демотивираност и изгубената доверба во институциите. Со новиот закон за младинско учество и организирање им се дава можност да не седат во чекалната, туку преку телата и младинските канцеларии конечно да креираат свои политики.
Викторија Јованова