
Вардар ја прослави втората европска титула
Вардар ја прослави европската титула. Вторпат во историјата, на плоштадот, играчите во црвено-црните дресови го покажаа најзначајниот пехар во клупскиот ракомет.
Навивачите доцна попладнето отидоа на аеродром да ги пречекаат ракометарите и да им честитаат на успехот.
Ракометарите уште откако слетаа на аеродромот и тргнаа кон центарот на Скопје, започнаа да се загреваат за атмосферата и славјето на плоштадот.
На плоштадот навивачите со часови чекаа трпеливо. Се собраа илјадници на број. И повозрасните како и најмладите – играа, пееја и се радуваа на успехот.
Многу од играчите следната сезона веќе нема да бидат дел од клубот. Се збогуваат со навивачите, но на најубавиот можен начин, со пехар во рацете. Не ја исклучуваат можноста некогаш и во иднина повторно да се сретнат со истите навивачи кои го наполнија плоштадот за нив.
„Фала ви за сите овие седум ипол години во Македонија, во Скопје. Неизмерно ми е жал што си одам, но можеби патиштата повторно ќе ни се спојат. Фала ви многу и на сите ви посакувам многу среќа,“ Игор Карачиќ – РК Вардар.
Прославата на титулата на скопски Вардар траеше до еден часот по полноќ. Ја организираа градските власти. И ракометарите и стручниот штаб ќе бидат соодветно наградени за успехот кој го остварија на Фајнл-форот во Келн.
Клубот го чека неизвесна иднина, не се знае како ќе продолжи да функционира и кој ќе го финансира.
Тројца играчи веќе официјално ќе играат за други клубови од следната сезона.
Но, достигнатите успеси со скопскиот Вардар ќе останат да сведочат за историскиот подвиг во Келн.
Петар Догов