
Свечен дочек на европските шампиони во Скопје
Големи буџети, огромни финански средства се вложуваат во спортот за да се стигне до самиот врв. Но, тоа не е секогаш клучно за да се исполни целта. За да се стигне на тронот покрај квалитетот треба волја, желба за успех и пред се срце, а тоа го потврдија ракометарите на Вардар кои по втор пат во последниве три години триумфираа во Лигата на шампионите и испишаа уште едно златно поглавје во историјата на македонскиот ракомет.
Пред почетокот на сезоната во која “црвено црните” влегоа без првиот стратег и готово без половина од стартната постава, никој не ни помислуваше дека Вардар може да стигне далеку во натпреварувањето. А избраниците на Роберто Парондо не само што со своите настапи ја воодушевуваа ракометна Европа, туку на крајот повторно се на врвот и во следната година ќе бидат суверени владетели во клупскиот ракомет на стариот континент. Уште на самиот старт Вардар најави дека иако ослабен може рамниправно да се носи со најдобрите. По извонредните резултати во првиот круг, Вардар блескаше и во елиминациската фаза и сосема заслужено се најде меѓу четирите најдобри клубови во Европа. Жрепката за полуфиналето беше немилосрдна и на македонскиот првак за противник му ја додели Барселона, тимот кој беше прогласен за најголем фаворит за трофејот. Но, ниту прескапиот шпански состав, а уште помалку предноста од седум гола на полувремето не беше пречка за походот на Вардар кон новата титула. Момчињата во “црвено црни” дресови уште покажаа карактер и докажаа како треба да се бориш за дресот за клубот во кој настапуваш и успеаа да се пласираат во големото финале каде беа поуспешни од првакот на Унгарија, Веспрем. Нашите ракометари блескаа и во големото финале и повторно ја воодушевија ракометната јавност, а на Македонија и донесоа уште еден голем триумф и потврдија дека се најдобриот ракометен состав на континентот.
Игор Паневски