Кривични пријави за актуелните и поранешните раководители на Али Пашината џамија во Охрид

Здружението на граѓани „Совест“ поднесе кривични пријави против актуелни и поранешни раководители на институции од областа на заштитата на културата, поради непочитување на законот за заштита на културното наследство во случајот со Али Пашината Џамија во Охрид на која минатата година започнаа активности за рестарвација и конзервација , во рамки на кои се предвидува изградба на минаре високо 32 метри.

Од „Совест“ укажуваат дека градежните зафати на џамијата се одвиваат несоодветно со употреба на тешка механизација и градежни материјали со што неповратно се уништува вредно културно наследство откриено на овој простор од пред нашата ера и римскиот период, како и ранохристијанска базилика врз чии темели подоцна е изградена црква. Бараат итно запирање на сите активности и институционално расветлување на случајот, за што тие го информирале и УНЕСКО.

Министерството за култура денеска информираше дека е формирана комисија од стручни лица, која ги испитува сите околности во однос на реконструкцијата на Али Пашината џамија, која заклучила дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но се охрабруваат сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури.

 „Работната група препорача, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии“, соопштија од Министерство за култура.

 Од Здружението на граѓани „Совест“ упатија критика до локалната самоурава и советот дека го игнорираат случајот со Али Пашината Џамија кој подолго време ја бранува јавноста во Охрид.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ