
Се бара стечај за „Бетон“
Привремен стечаен управник истражува дали штипски „Бетон“, кој што пред неколку години беше една од најголемите градежни компании во земјава ќе замине во стечај. Тројца доверители до штипскиот Основен суд доставиле барање за отварање на стечајна постапка за компанијата „Бетон“, позната на јавноста како најголем изведувач на проектот „Скопје 2014“, а нејзиното име се слушаше и во бомбите, кои како доказен материјал завршија во СЈО.
На 13 јуни, кога е закажано рочиштето, судијата ќе утврди кои се доверителите, нивните побараувања, имотот и долговите на „Бетон“, по што ќе следи и носењето на одлуката дали да замине или не во стечај. Оваа компанија пред неколку години беше втор по големина играч во македонската градежна индустрија. Со изградбата на седум објекти во проектот „Скопје 2014“ заработи околу 55 милиони евра. Проблемите почнаа да ги чуствуваат вработени од лани, кога неколку пати ја прекинуваа и изградбата на новата болница во Штип, поради неисплатени плати. „Бетон“ на овој објект работеше како подизведувач, а тендерот го има добиено грчки „Интеркат“.
Телма неколку пати информираше дека договорот меѓу овие две компании е раскинат, по што „Интеркат“ самата продолжи да го гради објектот, а вработените на „Бетон“ преминаа во оваа фирма.
Викторија Димитрова Јованова