„Ел Чека“ од два профили на фејсбук пушта бомби, за одговорност упатува кај обвинети во „Диво Насеље“

Не од еден туку од  два фејсбук профили „бомбашот” од „Чикаго Ел Чека“ зад чиј псевдоним стои 28 годишен Кичевец пушта разговори за кои тврди дека се меѓу функционери на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Дел од разговорите се нови а дел како оној за „Сопот“ мегу Јанкуловска и Мијалков јавноста можеше да ги слушне уште кога СДСМ ги објавуваше бомбите. „Ел чека“ не го крие идентитетот, напротив испраќа пораки до функционерите од ДУИ меѓу кои и Али Ахмети, Муса Џафери и Бекир Асани дека ќе продолжи со објавување на снимки а ќе ги испрати и до ЦИА и Американската амбасада во Скопје. Или ќе бидат затворени криминалците или Заев ќе падне, пишува објавувачот на бомбите.

Материјалите ми се од Сами Укшини (командант Соколи), Ваљон Зека и Шек Халачи кои се во затворите на Македонија. Во случај мене да ми се случи нешто, одговорноста ќе биде нивна. Чекавме четири години за да има правда. Поседуваме многу видеа и нема да престанеме се дури нема истрага од меѓународната заедница, вели „Ел Чека“.

Дека овие тројца обвинети во „Диво Насеље“, кои добија од 40 години затвор до доживотна робија, стојат зад објавувањето на бомбите потврдува и адвокатот Насер Рауфи. Адвокатот вели лично разговарал со неговиот клиент Шех Калачи, кој од затворот во Шутка го замолил во нивно име да соопшти дека тие тројца ја преземаат одговорноста за објавувањето на бомбите а дека „Ел Чека“ само ги објавувал во нивно име.

Рауфи тврди дека намера на обвинетите не е само меѓународна истрага за „Диво Насеље“ туку да се ангажира и СЈО за овој случај.

Функционерите на ДУИ не ги коментираат бомбите. Министерот Бектеши дури ги предупреди новинарите дека не треба да се објавуваат.

Два дена откако надлежните побараа блокирање на „Ел Чека“ тој се уште е активен.

Од скопкото обивнителство за Телма официјално велат дека поради одредени технички проблеми за директниот канал  мегу МВР и ФБ, барањата на обвинителството за отстранување на видеата и други податоци за „Ел Чека“ биле испратени преку меѓународна правна помош.

Од МВР потврдуваат дека имало технички проблем со директниот канал со фејсбук, но дека привремено е обезбеден алтернативен канал за соработка со ФБ и таа соработка функционира како и до сега така и за овој случај редовно и нормално.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ